ПАНЧЕВO – Град на можности

Градот Панчево се наоѓа на југот на Војводина, на само 18 km одалеченост од Белград и претставува административен, стопански и културен центар на јужен Банат. Зафаќа површина од 755 km2 и опфаќа уште 9 населби: Банатски Брестовац, Банатско Ново Село, Глогоњ, Долово, Иваново, Јабука, Качарево, Омољица и Старчево. Одличната географска положба на Панчево ја карактеризира излезот на три реки, Коридорот 7 (Дунавска трансверзала), како и непосредната близина на Коридорот 10 и меѓународниот аеродром „Никола Тесла“.
Градот на устието на Тамиш во Дунав се споменува од 9. век под имињата: Бансиф, Панука, Пануцеа, Паноча и Панчова. Некогашната Панука никнала на темелите на тврдините кои биле изградени од Тракијците и Римјаните, a ги срушиле Австријците кон средината на 18. век. Градот, по протерувањето на Турците од Банат, влегол во состав на Австриското царство како автономна област Тамишки Банат. Во 1794. година станува слободна варош, a строгите правила на војничкиот живот им отстапуваат место на развојот на урбанизмот, занаетчиството, трговијата и културата. Во Панчево кон крајот на 19. век постојат две православни цркви и по една католичка, евангеличка и реформаторска, романско-православна и еврејска синагога, како и Гимназија и уште пет училишта. Кон крајот на 18. и почетокот на 19. век се формираат градски плоштади и се создава историското јадро на Панчево, кое го претставува и денешниот центар на градот. Во тоа време граѓанките и граѓаните од сите нации и вероисповеди основаат различни здруженија, меѓу кои се Стрелачкото друштво (1813) и Панчевачкото српско црквено пеачко друштво (1838), кои постојат и денес. Во 1869. година основан е весникот „Панчевац“ – денес најстариот жив неделник на Балканот. Кон крајот на 19. век, Панчево со железнички линии се поврзува со Бечкерек и Вршац, во исто време се уредува и текот на Тамиш, а со тоа се создадоа одлични услови за развој на индустријата и трговијата. Во повоениот период забрзаната индустријализација и механичкиот прилив на населението го менуваат ликот на градот.
Според податоците од Пописот на населението од 2011. година, во Панчево живееле 123.144 жители, од кои 79% биле Срби, 3,69% Maкедонци, 2,77% Унгарци, 2,57% Романци, 1,71% Роми и 1,15% Словаци, додека постоеле уште околу 20 различни нации кои имале помалку од 1% учество во вкупниот етнички состав на градот.
Панчево има многу богато културно и индустриско наследство. Меѓу другото, во градот се наоѓаат три споменици кои Министерството за култура ги прогласило за недвижно културно наследство од особено значење: Преображенската црква, манастирот Војловица и археолошкото наоѓалиште Град во Старчево. Во центарот на Панчево се наоѓа најстарата индустриска зграда во Војоводина – пиварата од 1722. година. Oбјектите кои сведочат за индустриското наследство групирани се крај текот на Тамиш, а тоа се, меѓу другите: комплексот на Вајфертовата пивара, Црвениот магцин, водената кула, парната мелница, Свиларата итн. Во вториот бран на индустријализацијата, меѓу двете светски војни, се создаваат Фабриката за сијалици „Тесла“, Фабриката за рамно стакло, Фабриката за авиони „Утва“, додека во третиот, најважен бран, во втората половина од минатиот век се отвараат три големи фабрики: Рафинерија, „Азотара“ и „Петрохемија“. Благодарејќи и на добрата геостратешка положба на градот, индустријата на Панчево, и покрај сите проблеми на модерната ера, и понатаму има перспектива за развој.
Панчево доби статус на град на 29. 12. 2007, a локалната самоуправа ја чинат Собранието, градоначалникот, Градскиот совет и Градската управа. Со пуштањето во работа на Градскиот центар за услуги, 2009. година, Градската управа им овозможи на граѓанките, граѓаните и на правните лица своите потреби да ги остваруваат на поквалитетен, поефикасен и посовремен начин. Со цел негување на меѓународната соработка, Градот Панчево потпиша меморандум за збратимување со 14 странски градови, a најинтензивна соработка се остварува со Провинцијата Равена.
Градот е препознатлив по богатиот културен живот, што се рефлектира преку активностите на 15-те културни институции, како и преку организацијата на повеќе од 40 манифестации годишно. Панчево се смета за град на спортот, бидејќи отсекогаш бил познат по своите спортски великани.